На најгорната полица со книги, меѓу сите тие црни, темно зелени и кафеави книги, темни, скоро невидливи, срамежливо ѕиркаше една црвена книга. Ретко кој би можел да не ја забележи. И Данче ја забележа во моментот кога влезе во собата на тетка ѝ. Но, не се осмели веднаш да ја побара. Не сакаше да ја вознемири тетка ѝ која беше задлабочена над листовите хартија на масата на која седеше. Собата на тетка ѝ, како што би помислиле многумина, не може да е некое привлечно место за едно петгодишно девојче. Работна маса со расфрлани листови хартија, отворени книги, но и затворени, малку неуредно наместени една над друга, како коцките за играње на Данче кога таа прави кула од нив. Неколку столици, на едната седи тетка ѝ, а на другите има по неколку отворени и затворени книги, како некој да почнал да ги чита, но не ги дочитал. До масата - софа во златно жолта боја со мали црни цветчиња, на која тетка ѝ знаеше удобно да се смести и да продол...