Најсјајната ѕвезда на небото


    - Тето, зошто ти секогаш ме викаш ѕвездичка? - без најава малата Данче го прекина разговорот на возрасните додека сите јадеа седнати на масата за ручек. Никој не знаеше зошто Данче одеднаш го постави тоа прашање, бидејќи откако почна ручекот никој не ја нарече така. Но, никој никогаш нема да дознае што сѐ може да се врти во главата на едно петгодишно љубопитно девојче. А и вистина е дека тетка ѝ често ја викаше ѕвездичка. Тоа име беше резервирано само за нив двете. Данче и тетка ѝ имаа специјална врска, која сега, кога тетка ѝ дојде привремено да живее кај нив, стана многу посилна. 

    - Ти си мојата ѕвездичка затоа што сјаеш како ѕвездичка со твоите ширум отворени љубопитни очиња. А и твоето име Данче потсетува на најсјајната ѕвезда на небото. - ѝ одговори тетка ѝ и милно се насмевна, на што и останатите на масата се насмевнаа, а Данче се замисли.

    - Која е таа најсјајна ѕвезда на небото? - веднаш праша Данче. Данче беше многу љубопитно девојче, сакаше за сѐ да знае сѐ. Постојано нешто прашуваше и потпрашуваше. Како никогаш да не беше задоволна со одговорите кои ги добиваше.

    - Најсјајната „ѕвезда“ на нашето небо е онаа прва светла точка која се појавува веднаш по залезот на Сонцето, која ја нарекуваме „Ѕвезда Вечерница“. Но, истата таа „ѕвезда“ се гледа и наутро пред изгревот на Сонцето и тогаш се нарекува „Ѕвезда Деница“ или “Даница“, како твоето име, - повторно милно се насмевна тетка ѝ и продолжи, - Таа е втора најсветлата точка на нашето небо, после Месечината. - тетка ѝ се обиде да даде што е можно поцелосен одговор. Но, овој пат тоа беше таа која беше незадоволна со одговорот, па дополни, - Ја нарекуваме „ѕвезда“, но всушност тоа е планетата Венера.

    - Венера? Втората планета од Сонцето? - Данче беше изненадена. Токму во овој период Данче почнуваше да се интересира за планетите и другите небески тела. Често ги црташе или изработуваше модели на планетите од пластелин, топчиња кои ги редеше на чепкалки боцнати на картонска кутија, по истиот редослед по кој се појавуваат во природата: најблиску до Сонцето беше ставен Меркур, па Венера, потоа нашата планета Земја, па црвениот Марс, по него големиот Јупитер, а после Сатурн со прстените и на крајот Уран и Нептун. Сонцето беше најголемо и најтешко топче од пластелин, па затоа беше боцнато на три чепкалки, а секое топче беше во различна боја според бојата на планетата која ја претставува. Така наредени планетите и Сонцето на картонската кутија наликуваа на шарени лижавчиња кои Данче со гордост ги покажуваше на домашните. И сега, кога тетка ѝ ја спомна планетата Венера, Данче погледна во портокалово-жолтото топче ставено на чепкалка боцната на картонската кутија, а потоа веднаш го насочи погледот преку прозорецот кон небото, но кога виде дека сѐ уште свети Сонцето, малку се натажи, - Кога ќе може да ја видиме Венера? - Данче праша со надеж во гласчето.

    - По залезот на Сонцето, ѕвездиче, - уште еднаш милно се насмевна тетка ѝ, нагласувајќи го зборот „ѕвездичка“, - само да биде ведро небото, да нема облаци, тогаш ќе може да ја видиме Венера.

    - Инаку, Венера ја викаат уште и планета сестра на Земјата. - се вмеша во разговорот и мајка ѝ на Данче, која секогаш, во секој разговор, имаше нешто да дополни, некој интересен факт. - затоа што е голема скоро колку и Земјата.

    - Но, иако по големина личи на Земјата, таа многу се разликува од неа. - се вмеша и татко ѝ на Данче, кој исто така секогаш беше подготвен за разговор, а најмногу кога требаше нешто да се појасни, - на пример, Венера ротира, се врти околу својата оска во обратна насока од онаа на Земјата. Па така, ако на Земјата сонцето изгрева од исток и заоѓа на запад, на Венера е обратно, изгрева на запад и заоѓа на исток.

    - А јас знам дека денот на Венера е подолг од една година, - се замеша во разговорот и Јован, поголемиот брат на Данче, кој веќе знаеше самостојно да чита и сигурно овој податок го имаше прочитано од енциклопедијата по астрономија.

    - А дали знаеш зошто е тоа така? - овој пат прашањето го постави мајката. Прашањето беше упатено кон Јован. Таа беше горда на нејзиниот син кој научи да чита на рана возраст и кој често знаеше да се задлабочи во некоја од енциклопедиите сместени на полиците во дневната соба, така што никој и ништо не можеше да му го оттргне вниманието од книгата, сѐ додека тој самиот не одлучеше да престане со читањето. На тој начин Јован учеше многу факти, но мајка му и татко му инсистираа фактите да ги учи со разбирање, а вратата кон разбирањето беа одговорите на зошто-прашањата.

    - Тоа е така затоа што Венера многу споро се врти околу својата оска, така што побрзо прави еден круг околу сонцето, отколку едно завртување околу нејзината оска. - Јован го даде најкомлетниот одговор, и измами задоволна насмевка на лицето на мајка му. - Ако бевме родени на Венера, секој ден ќе го славевме нашиот роденден! - дополни Јован, а останатите се насмевнаа на неговата досетка.

    Ова за Данче беа премногу нови работи, но таа си имаше свој начин за разбирање. Сѐ уште беше возбудена дека кога ќе се стемни, ќе може да ја види планетата Венера, а бидејќи ја интересираа планетете, со внимание го следеше разговорот. Венера штотуку стана нејзината најомилена планета. Прво си ја замисли како сестричка на Земјата. Во еден миг, двете топчиња добија човечки ликови, тркалезни лица со крупни очи и широки насмевки. Топчињата се фатија за раце, како две сложни сестри и почнаа да си играат. Нивната игра премина во правење на пируети. Топчињата облекоа балерински фустанчиња и како вистински балерини, правеа кружни свртувања, само во обратна насока. 

    - А знаете ли дека порано, кога Венера не била доволно истражена, се мислело дека под нејзините густи облаци има огромна џунгла. - мајка ѝ на Данче ги прекина мислите на Данче за двете топчести балерини. Балерините се претворија во топчиња од сапуница и во истиот миг се рспрснаа и ги снема. На нивното место се создаде огромна темна џунгла со високи дрвја од кои висеа долги јажиња со чија помош мајмунчиња со нишање скокаа од дрво на дрво. - Но, подоцна е откриено дека под густата обвивка од облаци има само пусти предли со температури и над 400 степени целзиусови, што оневозможува постоење на каков било живот, ниту растенија, ниту животни. - Сега и џунглата исчезна од мислите на Данче, а на нејзино место се појави огромна пустелија. Очите на Данче се раширија и натажија истовремено. Сјајот во кој беше завиткана планетата Венера, почна да бледнее.

    - Всушност, атмосферата на Венера се состои од околу 95% јаглероден диоксид (CO2), со што се создава ефект на „стаклена градина“, спречува топлината да излезе од неа и затоа температурите се толку високи. - Се обиде да појасни татко ѝ на Данче. А за да разбере и Данче, дополни, - Се сеќаваш Данче што е тоа јаглероден диоксид, нели, тоа е гасот кој ние луѓето и другите живи организми го издишуваме, а се создава и при некои процеси на согорување. Треба да бидеме внимателни, да не дозволиме количината на јаглероден диоксид да се зголеми во нашата атмосфера, затоа што тогаш ќе се зголемат и температурите, па може да се случат неповолни климатски промени. За среќа, на планетата Земја имаме дрвја и друг растителен свет, на кои им треба јаглероден диоксид за да создаваат храна, а при тоа ослободуваат кислород, кој нам ни треба за дишење.

    - Тоа го знам тато, - радосно изјави Данче, - со Габи засадивме дрво во дворот на градинката за да ни дава кислород за дишење кога таму ќе си играме. Така Габи ни кажа. - Данче беше среќна дека и таа може да учествува во разговорот како возрасните и брат ѝ Јован, а Габи беше нејзината наставничка од градинката која Данче многу ја сакаше.

    - Така е мило, убаво ве учи вашата наставничка Габи. - милно одговри татко ѝ кој беше горд што и Данче почна да се натпреварува со останатите на масата, да каже и таа што знае - вистински член на оваа фамилија!

    Во следните неколку минути завладеа привидна тишина на масата за ручек. Секој од присутните залута некаде во своите мисли и така замислени скоро и да не приметија кога јадењето го снема од чиниите означувајќи го крајот на ручекот. Впрочем, Данче беше таа која прва го заврши ручекот и која ја прекина тишината. - Тето, ќе ми прочиташ сега уште една приказна од црвената книга, - Данче ја потсети тетка ѝ на нејзиното ветување.   

    - Секако, ѕвездичке. - Овој пат тетка ѝ не можеше да ја одбие, но и не сакаше. - Помогни ми да ги пренесеме нечистиве чинии во кујната, па веднаш ќе одиме да ти прочитам некоја приказна за птиците, таква приказна сакаше, нели?  

    - И јас ќе дојдам со вас. - се пријави и Јован, кој исто така штотуку заврши со ручекот. Данче и Јован станаа од масата скоро истовремено, ги пренесоа своите чинии во кујната, по што заклучија дека доволно помогнале и поитаа со трчање и детска смеа кон собата на тетка им. Смеата на децата се одрази и на лицата на возрасните, кои во весела атмосфера го дозавршија ручекот со една заедничка мисла: Децата се вистинското богатство и среќа.   

* * *
 
    Подоцна, одејќи накај собата, тетка ѝ на Данче се присети уште еднаш на разговорот за „Најсјајната ѕвезда на небото“. Заклучи дека разговорот ѝ се допаднал, па одлучи, кога ќе најде време, да го запише на својата интернет страница, заедно со следните прашања: 
За малите:
 
1. Кога ќе се стемни, погледни кон небото. Дали може да ја видиш Месечината? Дали може да видиш некои светли точки? Изброј колку можеш повеќе!

2. Која форма се Сонцето и планетите во Сончевиот систем?

3. Во Сончевиот систем има 8 планети. Планетата Земја е трета по ред, гледано од Сонцето. Колку планети се поблиску до Сонцето, отколку Земјата, а колку се подалеку? 

За големите:

4. На Венера ѝ требаат 224 (Земјени) дена за да направи еден круг околу Сонцето, а за 243 (Земјени) дена прави едно завртување околу својата оска. За колку (Земјени) дена, денот на Венера е подолг од годината на Венера? За колку (Земјени) дена годината на Венера е пократка од годината на Земјата? 

5. Ако некој човек кој се наоѓа на Венера здогледа изгрејсонце на 30 јануари 2022 година (според Земјиниот календар), кога истиот тој човек кој се наоѓа на истото тоа место на Венера, ќе го здогледа следното изгрејсонце (според Земјиниот календар)? Денот на Венера трае 243 (Земјени) дена.  

6. Атмосферата на Венера се состои од точно 96,5% јаглероден диоксид, а Земјината атмосфера состои од 0,04% јаглероден диоксид. Просечната температура на површината на Венера е 427оC, а просечната температура на Земјата е 15оC. Ако претпоставиме дека количеството јаглероден диоксид во атмосферата и просечната температура на површината на планетата линеарно зависат, тогаш за колку ќе се зголеми сегашната просечна температура на Земјата, ако количеството на јаглероден диоксид стигне до 1% од Земјината атмосфера?
    Подолу, ќе ги најдете одговорите на прашањата.















За малите:
1. (Одговорот е индивидуален. Броењето е 1, 2, 3, 4 ... сѐ додека детето знае да брои или не се измори.)
2. Сонцето и планетите во Сончевиот систем се топки. (Не треба да се прифати одговорот круг, затоа што станува збор за геометриски тела, тридимензионални фигури во простор, додека кругот е геометриска слика или дводимензинална фигура.)
3. Две планети се поблиску до Сонцето (Меркур и Венера), а пет планети се подалеку (Марс, Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун).

За големите:
4. Денот на Венера е за 243 - 224 = 19 (Земјени) дена подолг од годината на Венера. Годината на Венера е за 365 - 224 = 141 (Земјин) ден пократка од годината на Земјата.
5. Треба да најдеме кој датум ќе биде 243 дена после 30 јануари 2022 година. Бидејќи, 243 дена се приближно 8 месеци (243 : 30 = 8,1), можеме да кажеме дека приближниот датум на следното изгрејсонце ќе биде на крајот на септември 2022 година. Интересно, но точниот датум е 30 септември 2022 година, точно за 8 месеци.
6. Под претпоставка на линеарна зависност на температурата од процентот на јагледорен диоксид, имаме дека при зголемување на процентот на јаглероден диоксид за 96,5 - 0,04 = 96,46 проценти, температурата се зголемува за 427 - 15 = 412 степени, што значи дека стапката (коефициентот) на линеарна зависност на температурата од процентот е 412 / 96,46 = 4,27. Ако количеството јаглероден диоксид се зголеми од 0,04% на 1%, значи се зголемило за 1 - 0,04 = 0,96 проценти, што значи температурата ќе се зголеми за 4,27 · 0,96 = 4,1 степен, па наместо 15oC би била 19,1oC.

Извори за приказната за најсјајната ѕвезда на небото:
[1] Венера, Скопско астрономско друштво, astronomija.mk
[2] Venus, Britannica, britannica.com

И.С.

Print Friendly and PDF

Comments