Зошто птиците можат да летаат


    Данче и Јован со трчање влегоа во собата на тетка им. Беше договорено тетка им да дојде и да им прочита нова приказна од црвената книга. За среќа, по последното читање, книгата беше оставена на масата меѓу сите оние книги и хартии на тетка им, па децата веднаш посегнаа по неа. Ја зедоа црвената книга од масата, удобно се сместија на софата и почнаа да ги вртат страниците на книгата. Меѓу децата се чувствуваше предноста на Данче, која претходно ја имаше листано оваа книга, додека на Јован ова му беше прва средба со црвената книга. Но, многу брзо таа предност се претвори во заедничка игра, разговор и детска смеа за сликите во книгата. Токму кога дојдоа до страниците со слики од птици, тетка им влезе во собата.

    -  Аха, вие без мене сте почнале да читатате приказна за птиците. - со изглумен прекор во гласот ги поздрави тетка им, а потоа веднаш им се насмевна, - да видам која приказна ја избравте, - ги праша со доза на љубопитност во гласот.

    - Еве оваа. - скоро едногласно одговорија Данче и Јован и покажаа на приказната каде имаше слика со две птици во лет, едната со малку подсоберени крилја, а другата со раширени крилја. - Зошто птиците можат да летаат, - побрза Данче да биде првата што ќе појасни, кажувајќи го насловот на текстот, кој Јован штотуку ѝ го прочита.

    - Мислам дека сте одбрале интересна приказна, - ги пофали тетка им, - и јас би сакала да дознаам зошто птиците можат да летаат. - беше искрена тетка им, иако веќе го наслутуваше одговорот, потпирајќи се на нејзините општи познавања стекнати за време на нејзиното образование и нејзиниот интерес за природните науки. Но, исто така знаеше дека енциклопедиите секогаш кријат во себе и по некое изненадување, а и корисно е понекогаш да се потсети на нешто што можеби го има подзаборавено. И неа, како и децата, ги зафати бран на возбуда пред претстојното читање на приказната. Така подготвени сите тројцата го дочекаа почетокот на приказната.

        - Кога човекот посакал да лета, прво морал да направи направа за летање. - започна тетка им со читањето, - Ако ја набљудувате птицата, ќе забележите дека природата ја дарувала со сѐ што е потребно за да од неа направи совршен летач. Пред сѐ, птиците имаат крилја. - Тетка им ја нагласи последната реченица и за кратко го сопре читањето за да ги погледне децата. На нивните лица го виде тоа што го очекуваше, чудење измешано со разочарување. Па, и бебињата знаат дека птиците летаат затоа што имаат крилја! Тетка им се насмевна, и побрза да продолжи со читањето. 

    - Основните пердуви на крилјата кои птицата ги користи за летање, се прицврстени за зглобот на „рачната“ коска со цврсто, отпорно и еластично ткиво. Секој пердув има сопствени мускули, па така, кога птицата лета може да управува со секој пердув одделно. - Сега, тетка им забележа дека вниманието со кои слушаа Данче и Јован се зголеми. Посака во текстот да нема многу сложени зборови за да не го изгуби вниманието на децата. Но, добро се сеќаваше на оваа книга. Тоа беше книгата-извор на сите знаења која таа во детството ги стекнуваше надвор од училишните знаења. Па, продолжи со поуверлив глас.

    - За да лета, птицата мавта со крилјата, ги дига и ги спушта. Кога ќе ги дигне кријата, сите основни пердуви се поставуваат под агол за да полесно го сечат воздухот кој лесно поминува меѓу пердувите. Кога крилјата се спуштени, сите основни пердуви се свртени со сплеснатата страна надолу, така што воздухот не минува низ нив. На тој начин птиците можат да се вивнат во воздухот и да летнат дури до најголемите височини. - Овој пат и тетка им ја погледна сликата за да се увери во ова кое што туку го прочита. Двете птици на сликата, таа со собраните и таа со раширените крилја, всушност беа двете положби на крилјата - кога тие се кренати, а пердувите се раширени и воздухот минува низ нив, и кога тие се спуштени, а пердувите се споени и воздухот не минува низ нив. Забележа дека и децата ја гледаат сликата, па направи мала пауза пред да продолжи со читањето.

    - А телото на птицата мора да биде лесно, но цврсто и силно. - продолжи тетка им да чита по кратката пауза, - Затоа, сите поголеми коски кај птиците се шупливи и често се поврзани со воздушни кесички. Птичјата глава, опаш, крилја и нозе се неверојатно лесни. Коските на черепот се многу тенки. Птиците немаат заби и вилица која обично се состои од тешки коски и мускули, наместо тоа имаат вдлабнат и шуплив клун. Како што гледате мајката природа направила сѐ за да им помогне на птиците да летаат! - тетка им го заврши читањето на текстот.  

     Во тој момент Данче стана и се стрча во правец на дневната соба. Се качи на табуретката до шкафот и посегна во кафезот подавајќи го показалецот од десната рака. Тогаш, едно по друго, две тенки црвеникави птичји ноџиња стапнаа на прстето на Данче. Данче полека ја извади раката од кафезот. На прстот на Данче стоеше Кoки, нивното домашно милениче, мало папагалче - тигрица, зелено со жолто главче и црни риги и црно-жолти крилја.

    - Летај Коки! - извика Данче, оттурнувајќи ја од себе раката со папагалчето на неа. Во истиот миг Коки ги рашири крилјата, летна, сврти еден круг околу собата и се упати кон неговото омилено место на даската на прозорецот каде се наоѓаше неговата постојка во облик на мало дрвце со две гранки. Додека Коки леташе, Данче внимателно набљудуваше како тој мавта со крилјата. Но, крилјата толку брзо се движеа што беше невозможно да се забележи кога пердувите се одвојуваат, а кога се спојуваат. Данче го зеде Коки на прстот и повторно го пушти да лета, но и овој пат не можеше да ја воочи промента кај крилјата. Коки толку брзо ги креваше и ги спушташе крилјата, што за миг наликуваше на некоја голема мушичка. Данче неволно одлучи да ѝ верува на приказната без да се увери и самата. И повторно го зеде Коки на прстот, но овој пат само испружајќи ја раката високо во воздухот, при што папагалчето послушно слета на прстето на Данче. Така со папагалчето на прст, Данче се упати назад во собата кај Јован и тетка им.

    Кога Данче влезе во собата, ги затекна Јован и тетка им како го продолжиле разговорот за птиците. Тие пребаруваа на Интернет дали ќе најдат уште некои информации за летањето на птиците.

    - Данче, - ѝ се обрати Јован, - најдовме дека тоа што птиците јадат зрнеста храна им помага да добијат многу енергија за летање. -  изјави радосно Јован, - А за да бидат полесни, немаат мочен меур, што значи дека уринираат кога ќе посакаат. - Овој пат сите тројца се погледнаа меѓусебно, зачудено и изненадено, а потоа погледот го насочија кон Коки. Коки како да ја разбра пораката. Во истиот миг остави мало „подароче“ на раката на Данче и одлета за да застане најгоре на завесата.  Сите тројца повторно се погледнаа и почна да се смеат на глас. Данче смеејќи се отрча да ја измие раката, а Јован, успеа да го земе Коки од завесата и го поведе со себе во дневната соба. 

    - Данче, ајде да направиме успорена снимка од летањето на Коки. Сакаш? - Јован досетливо довикна од дневната соба. Тој секогаш беше подготвен за експериментирање. - Имаме уште 5 минути до следното „подароче“ од Коки. - Се закикоти Јован и почна да ја бара камерата на татко му со која планираше да ги направи успорените снимки.

    Тетка им со насмевка на лицето го слушаше смеењето на децата. Подоцна таа на својата интернет страница ја запиша приказната која ја прочитаа, „Зошто птиците можат да летаат“, заедно со следните прашања: 
За малите:
 
1. Птицата кога лета ги собира крилјата, ги крева нагоре, ги шири крилјата, па ги спушта надолу, потоа ги собира крилјата, ги крева нагоре, ги шири крилјата, па ги спушта надолу, потоа ги собира крилјата,... Што е следното?

2. Колку крилја има една птица? Колку вкупно крилја имаат четири птици? 

3. На една гранка имало 6 врапчиња. Долетале уште 2 врапчиња, а потоа одлетале 3 врапчиња. Колку врапчиња останале на гранката? 

За големите:

4. Галебот Гиго испушта глас на секои три замавнувања на крилјата, а галебот Гого испушта глас на секои пет замавнувања на крилјата. Ако Гиго и Гого со иста брзина замавнуваат со крилјата, после колку најмалку замавнувања на крилјата, галебите Гиго и Гого повторно заедно ќе испуштат глас?  

5. Марко сака да ги изброи гугутките на плочникот на градскиот плоштад, но  постојано има гугутки кои одлетуваат и долетуваат. Затоа, побарал помош од дедо му. Дедо му му одговорил: „Помина еден човек и половина од гугутките одлетаа. Потоа, долетаа 6 гугутки, па една третина одлетаа. Потоа, дојдоа 4 гугутки, па одлетаа една четвртина. Повторно помина еден човек и овој пат одлетаа две третини од гугутките. Еве види колку останаа.“ На тоа Марко видел дека останале 6 гугутки. Помогнете му на Марко да открие колку гугутки биле на почетокот?

6. Ластовичката Лиле од гнездотото под стреата до најблиската шума лета со брзина од 40 km/h (километри на час), а на враќање по истиот тој пат од шумата до гнездото лета со брзина од 60 km/h. Која е просечната брзина на летање на ластовичката Лиле? 
    Подолу, ќе ги најдете одговорите на прашањата.















За малите:
1. Следното е: ги крева нагоре, ги шири крилјата, па ги спушта надолу, итн.
2. Една птица има две крилја. Четири птици имаат вкупно осум крилја.
3. Биле 6 врапчиња, па кога долетале 2 врапчиња, на гранката имало 6 + 2 = 8 врапчиња. Потоа, кога одлетале 3 врапчиња, на гранката останале 8 - 3 = 5 врапчиња.

За големите:
4. После 15 замавнувања на крилјата, галебите Гиго и Гого повторно заедно ќе испуштат глас. (Потоа, на секои 15 замавнувања на крилјата, заедно ќе испуштаат глас.)
5. Задачата ќе ја решаваме наназад. Пред да одлетаат две третини од гугутките и при тоа да останат 6 гугутки, имало 6·3 = 18 гугутки (бидејќи 6 е една третина од бројот на гугутки). Пред да одлета една четвртина имало 18·4/3 = 24 гугутки (бидејќи 18 е три четвртини од бројот на гугутки). Пред да долетаат 4 гугутки имало 24 - 4 = 20 гугутки. Пред да одлетаат една третина имало 20·3/2 = 30 гугутки (бидејќи 20 е две третини од бројот на гугутки).  Пред да долетаат 6 гугутки имало 30 - 6 = 24 гугутки. Пред да одлетаат половина од гугутките имало 24·2 = 48 гугутки (бидејќи 24 е една половина од бројот на гугутките). Значи, на почетокот биле 48 гугутки.
6. Нека со t1 го означиме времето (во часови) од гнездото до шумата кое ластовичката го поминува со брзина од 40 km/h, а со t2 времето (во часови) од шумата до гнездодо кое ластовичката го поминува со брзина од 60 km/h. Патот s од гнездото до шумата е еднаков на патот од шумата до гнездото, па затоа s = 40·t1 = 60·t2. Ако ластовичката лета со просечна брзина од x km/h, тогаш истиот тој пат таа ќе го помине за (t1+t2)/2 часа, за да вкупното време од гнездото до шумата и назад од шумата до гнездото биде t1+t2. Значи, s = 40·t1 = 60·t2 = x·(t1+t2)/2. Значи, s =  x·(t1+t2)/2 = x·(s/40 + s/60)/2 = s·x·(1/40 + 1/60)/2, од каде просечната брзина е x = 2/(1/40 + 1/60) = 2·40·60/(40+60) = 4800/100 = 48 km/h.

Извори за приказната за зошто птиците можат да летаат:
[1] 1000 зошто, 1000 затоа, Вук Караџиќ, Белград, 1986.
[2] How birds fly, An In-Depth Journey North Lesson, journeynorth.org

И.С.

Print Friendly and PDF 

Comments