Црвената книга

 

    На најгорната полица со книги, меѓу сите тие црни, темно зелени и кафеави книги, темни, скоро невидливи, срамежливо ѕиркаше една црвена книга. Ретко кој би можел да не ја забележи. И Данче ја забележа во моментот кога влезе во собата на тетка ѝ. Но, не се осмели веднаш да ја побара. Не сакаше да ја вознемири тетка ѝ која беше задлабочена над листовите хартија на масата на која седеше.  

    Собата на тетка ѝ, како што би помислиле многумина, не може да е некое привлечно место за едно петгодишно девојче. Работна маса со расфрлани листови хартија, отворени книги, но и затворени, малку неуредно наместени една над друга, како коцките за играње на Данче кога таа прави кула од нив. Неколку столици, на едната седи тетка ѝ, а на другите има по неколку отворени и затворени книги, како некој да почнал да ги чита, но не ги дочитал. До масата - софа во златно жолта боја со мали црни цветчиња, на која тетка ѝ знаеше удобно да се смести и да продолжи да гледа во листовите и книгите. Спроти софата - прозорец, голем, без завеса на него, со поглед на горните гранки на дрвото од предниот двор на зградата, кое штотуку се имаше разеленето. А до прозорецот - полици со книги, од едниот до другиот крај на собата, тенки и дебели книги, големи и мали, исправени и косо сместени, а на најгорната полица - црвената книга. Данче ги сакаше книгите на тетка ѝ, иако не знаеше да чита, можеше долго време да разлистува некоја од книгите, во кои освен букви имаше и по некој цртеж и многу чудни знаци. Знаеше дека еден ден ќе дознае што пишува во нив. Сега за сега, тетка ѝ ѝ имаше кажано само дека знаците се викаат „формули“, а цртежите дека се „геометриски цртежи“. А сега, тука е и таа црвена книга. Ја немаше до сега видено, тука, во собата на тетка ѝ. А не се сеќаваше и дали ја имаше видено некаде на друго место во станот. 

    Во моментот кога очите на Данче повторно се насочија кон црвената книга, тетка ѝ ја крена главата од листовите хартија и кога ја здогледа Данче како гледа со ширум отворени љубопитни очи кон полицата, ѝ се насмевна. Данче го чекаше тој момент.

    - Тето, каква е онаа црвена книга? - покажа Данче кон полицата со црвената книга. - Може да ми ја дадеш? - Данче го знаеше одговорот на второво прашање и пред да го постави прашањето. Знаеше дека тетка ѝ ќе ѝ ја даде книгата. Само, мајка ѝ секогаш ја советуваше да биде учтива и да не зема ништо без да праша. А и да сакаше, не можеше да ја земе книгата. Таа беше толку многу високо ставена. Сигурно ќе ѝ требаат не една, туку две столици, за да се качи и да ја земе. Исто како што мајка ѝ се качуваше понекогаш за да земе некое од тенџерињата на највисоката полица во највисокиот шкаф во станот кој се наоѓаше во кујната на еден цел ѕид од под до плафон. А додека се качуваше, нозете ѝ трепереа како две цевки во чаша што не може да стојат една до друга, туку кога ќе се допрат, се одбиваат, а кога ќе посакаш да ги доближиш, тие повторно ќе се одбијат. Тогаш, мајка ѝ го викаше брат ѝ на Данче за да ги придржува столиците, затоа што татко ѝ не беше дома, а ако беше, немаше да има потреба од две сполици, на татко ѝ му беше доволна само една. А тенџерињата, тенџерињата беа од оние специјалните, за специјални ручеци. Затоа беа таму најгоре сместени. Ако така стојат работите, сигурно и оваа црвена книга е некоја специјална книга, размислуваше Данче. Данче се присети и дека качувањето на двете столици, покрај што беше пропратено со тресењето на цевките, то ест нозете на мајка ѝ, секогаш се слушаше и нејзиното мрморење, дека тоа што го прави е опасно, дека може да падне, дека подобро ќе беше ако татко ѝ беше дома и така натаму. Затоа Данче веднаш ги растера мислите за двете столици. 

    - Тоа е книга со приказни. - тетка ѝ стана од столот, малку го помести, се качи на него и посегна по црвената книга на најгорната полица - Ја најдов во кутијата со книги која ја качив денес од подрумот. Баба ти ни ја подари на мајка ти и мене кога бевме деца. Еве, земи ја, разгледај ја, и кажи ми дали сакаш да ти прочитам нешто од неа. Само прво да завршам со читањето на овој труд.

    Данче задоволно ја зеде книгата во своите мали рачиња, седна на софата, ја стави црвената книга во скутот и ја отвори некаде на средината. Потоа, почна да ги врти листовите наназад, па нанапред, па ја сврте од предната корица и почна да ја разгледува од првата страница. Чудно. Многу чудно. Во оваа книга ги немаше цртежите и чудните знаци од другите книги на тетка ѝ. Имаше само букви и по некоја слика. Значи, навистина може да е книга со приказни. Но, сликите скоро и да не наликуваа на сликите во Данчевите книгите со приказни. Згора на тоа, тука приказните беа многу пократки, по две до три приказни на една страница.

    - Дали одбра која приказна сакаш да ти ја прочитам, ѕвездичке моја? - тетка ѝ ги прекина мислите на Данче, или ѕвездичката, како што често ја нарекуваше, според „ѕвездата“ Даница или Деница, затоа што Данче беше токму тоа за тетка си - најсјајната ѕвезда меѓу сите деца ѕвездички. Со најголема леснотија, од најголемата далечина, тетка ѝ секогаш ја здогледуваше Данче, кога таа си играше со другарчињата на игралиштето или пред зградата или во дворот на градинката, затоа што Данче светеше најсилно, зрачеше најсјајно со прекрасна бело-шарена светлина. Велат дека само очите на љубовта може да видат таква светлина. А тетка ѝ премногу ја сакаше својата мала внука Данче. Љубовта на тетка ѝ кон Данче беше нешто што не може да се опише со едноставни зборови, нешто огромно, силно, сјајно, токму како „ѕвездата“ Даница. Можеби затоа, тетка ѝ секогаш успеваше да најде време за љубопитното девојче и нејзините крупни црни очи. 

    - Еве, оваа. Приказната за овие книги. - Данче покажа со нејзиниот мал показалец кон една слика со книги ставени на полици и врзани со ланци за полиците. Беше љубопитна да дознае зошто книгите се врзани со ланци, тие не се кученца, па да може да избегаат? 

    - Во ред ѕвездичке. Веднаш ќе ти ја прочитам таа приказна. - одговори тетка ѝ - Оваа приказна е приказна за тоа како настанале библиотеките. Сигурно се сеќаваш што е тоа библиотека? Се сеќаваш кога заедно отидовме во онаа бела зграда полна со полици со книги и јас позајмив две книги. - Се обиде тетка ѝ да ѝ објасни. Но, кога го здогледа матниот поглед на Данче, продолжи со објаснувањето, за да ѝ помогне на Данче да се присети на библиотеката. - А потоа, потоа бевме на сладолед во онаа слаткарница каде јадевме сладолед со чоколаден прелив и шарени мрвици. - Ах, да! Данче се присети. Многу добро се сеќаваше на вкусниот сладолед, кога тетка ѝ ѝ дозволи да изеде три топки сладолед, едната од чоколадо, втората од ванила и третата од јагода, без да ја прашаат мајка ѝ дали смее да изеде три топки. Впрочем, договорот беше дека нема да ѝ кажат на мајка ѝ дека изела три топки сладолед, тоа ќе биде нивна сладоледна тајна. А чоколадниот прелив со шарени мрвици, ммммм. Но, за белата зграда со книги, не можеше да се присети. Но, добро. Сега ќе дознае од приказната што е тоа библиотека. Данче удобно се смести во скутот на тетка ѝ, па читањето на приказната можеше да почне.

Како настанале библиотеките

    - Првите библиотеки настанале уште пред повеќе од илјада години. - почна да чита тетка ѝ на Данче, а Данче скоро и да го сопре дишењето и целата се превори во уво, - Околу 700. година пред нашата ера, народот во Месопотамија имал добро уредени библиотеки во своите храмови и палати. „Книгите“ во тие библиотеки биле глинени плочи испишани со клинесто писмо. Илјадници такви плочи, подредени според научни области, ја сочинувале првата вистинска библиотека. Една од тие библиотеки, позната како Асурбанипалова библиотека, која имала околу 22000 глинени плочи, денес се чува во Британскиот музеј во Лондон. 

    - И Египќаните имале свои библиотеки во кои ги чувале своите „книги“ кои биле свитоци од папирус. - продолжи да чита тетка ѝ на Данче, а Данче нешто разбираше, нешто не, но сепак сфати дека книгите не секогаш го имале денешниот облик, правоаголни листови хартија наредени еден над друг меѓу две корици, предна и задна. Порано, книгите прво биле глинени плочи, а потоа свитоци папирус, најверојатно нешто на што можело да се пишува, а потоа да се витка во ролна, како палачинките на баба. - Најпознатата библиотека од тоа време била библиотеката во Александрија, околу 300. година пред нашата ера, и претставувала прв обид да се собере целокупната античка литература на едно место. Содржела најмалку 70000 свитоци од папирус, - или палачинки, си помисли Данче, додека тетка ѝ продолжуваше да чита. - Книгите во библиотеката во Александрија биле заведени во каталог и подредени според научни области, токму како што денес се прави во денешните библиотеки. 

    - Римјаните многу не се интересирале за библиотеките, иако во 4. век, во Рим постоеле јавни библиотеки, но многу од нив биле уништени во пожари, ограбени или пропаднале од влага и човечка негрижа. - Данче забележа како тетка ѝ го сневесели лицето, истовремено се натажи и се налути. Навистина за лутење беше сознанието дека Римјаните не се грижеле за своите книги, и можеби затоа им пропаднало царството. Данче си вети дека подобро ќе се грижи за своите книги. Имено, понекогаш забораваше да ја врати книгата на полицата и таа често завршуваше на подот меѓу играчките, па лесно можеше некој од домашните да ја поткачи со ногата кога ќе поминува покрај неа. Но, си вети дека, од сега, ќе ги враќа назад книгите на полицата. 

    - Кога христијанството земало замав, библиотеките биле сместени во црквите и манастирите, каде свештениците ги читале и препишувале книгите и се грижеле за библиотеките. Подоцна, библиотеките ги имало во големите катедрали и универзитетите. Така, универзитетите во Париз и Фиренца чувале „оковани“ книги. Имено, книгите биле врзувани со ланци за полиците за да не бидат украдени, бидејќи вределе многу и биле скапи. - тука тетка ѝ на Данче направи пауза, знеше дека Данче ќе сака повторно да ја погледне сликата со книгите врзани со ланци за полиците. И Данче го направи токму тоа. Полиците за кои беа врзани книгите повеќе личеа на маси отколку на полици, со косо поставена работна површина на која беа ставени книгите. Покрај масите-полици имаше и клупи за седење. Па, се разбира. Како за ова не помисли. Ако книгите се врзани со ланци за полиците, значи не може да се позајмуваат и да се изнесуваат надвор од библиотеката. Туку, секој кој сакал да чита некоја од книгите, ќе морал тоа да го направи таму, во библиотеката, на масата-полица на која била врзана книгата.

    - Библиотеките го добиле денешниот облик дури во 19. век, кога во Англија во 1850 година, парламентот одобрил основање на јавни библиотеки. - тука тетка ѝ на Данче го заврши читањето на текстот. - Сега знаеш што е библиотека и како настанале денешните библиотеки. Нели? - тетка ѝ на Данче ја праша својата внука. Таа знаеше дека нејзината ѕвездичка не успеала во целост да го разбере текстот кој содржеше повеќе непознати поими за едно петгодишно девојче. Но, исто така знаеше и дека ова девојче е многу љубопитно и дека многу сака загатки. Таа сигурно гледаше на непознатите зборови како на загатки. Ако не го препознае значењето на зборот од прв пат, тогаш го поврзува со другите зборови во реченицата за чие значење веќе има некоја претстава. Еве на пример, сигурно сфатила дека Месопотамија е некое место, но многу веројатно е и да си помислила дека тоа е место каде луѓето јадат многу месо, а потоа многу се потат. Тетка ѝ на Данче се насмевна на овие свои мисли. Се присети дека тоа „разбирање“ за Месопотамија, беше токму нејзиното прво разбирање за овој збор кога и таа беше мало љубопитно девојче.

    - Да тето, знам. - паметното гласче на девојчето, ги растера мислите на тетка ѝ, - Таму се чуваат многу книги. Тето, а може ли пак да одиме во библиотеката? - Додека мислите на тетка ѝ беа кај луѓето што јадат месо и се потат, Данче мислеше на книгите врзани со ланци за масите-полици. Сакаше да дознае како се чуваат книгите во денешните библиотеки, кој ги чува, можеби некој полицаец? Криво ѝ беше што не се сеќаваше на белата зграда со книги, инаку сигурно ќе се присетеше дали имало полицаец во библиотеката или не.

    - Секако ѕвездичке, ќе одиме. Планирав деновиве да одам да ја вратам книгата која ја позајмив пред десетина дена, па ако сакаш, може да дојдеш со мене. Знаеш, во библиотеката имаат и посебен дел со книги за деца. Можеби ќе ти биде интересно да ги разгледаш, а ако сакаш може да позајмиш и ти некоја книга за тебе. Туку, да те прашам нешто сега јас тебе. - Ова беше еден од најомилените моменти на тетка ѝ на Данче, кога приказната е прочитана, но сѐ уште останала да лебди во воздухот, небаре не сака да си замине, да се врати назад во книгата. Таа знаеше дека мислите на Данче се сѐ уште некаде во некој дел од приказната или пак самите тие веќе творат своја приказна. Ова беше вистинскиот момент приказната да се продолжи, го имаше најважното - вниманието на девојчето.

    - Кажи ми наслови на пет книги кои ги имаш прочитано. - тетка ѝ на Данче го постави првото нејзино прашање, таа сакаше Данче подлабоко да се внесе во тематиката на текстот кој штотуку го прочитаа, да продолжи да размислува за книгите, но имаше и друга намера, - кога ќе ги набројуваш книгите, може да ги користиш прстињата на едната рака, - Данче веќе одамна знаеше да брои и набројува, тетка ѝ често ѝ задаваше вакви и слични прашања, а исто така ги сакаше и книгите, па ова за неа беше лесна задача, што со задоволство прифати да ја исполни.

    Откако Данче наброја пет книги кои ги имаше прочитано, поточно кои ѝ ги читаа, тетка ѝ го постави и второто прашање. - Која форма е корицата на една книга? - а потоа и третото - Ако од библиотеката позајмиш три книги, а потоа прочиташ една книга, уште колку книги од позајмените, ќе ти останат за читање? - потоа и четвртото, - Ако секој месец читаш по две книги, колку книги ќе прочиташ за три месеци? - кое малку подоцна го дополни со петтото, - А колку месеци ќе ти требаат да прочиташ десет книги? - Како што тетка ѝ на Данче ги поставуваше прашањата, така Данче со големо задоволство одговараше на секое поставено прашање. Тетка ѝ се воодушевуваше на бистрината на нејзината мала ѕвездичка и додека ги поставуваше прашањата, размислуваше по завршување на разговорот да ги запише, заедно со приказната за како настанале библиотеките, за да подоцна ги објави на интернет страницата која ја уредуваше. Ќе запише и прашања за повозрасни дечиња, кои Данче ќе ги одговара кога малку ќе потпорасне и созрее.

    - Тето може да ми прочиташ уште една приказна? - молежливо праша Данче, кога се чинеше дека тетка ѝ ги исцрпе сите прашања. - Некоја од приказните за птиците. - Данче ги отвори страниците од книгата каде имаше повеќе текстови за птици. Данче многу ги сакаше птиците и за нив веќе знаеше многу нешта, но исто така секогаш сакаше повторно да ѝ раскажуваат за птиците дури и за тоа што веќе го знаеше. - Договорено, но следниот пат. Сега треба да одиме да ручаме. Се сеќаваш дека мајка ти веќе неколку пати до сега нѐ повика додека читавме за библиотеките. - зборуваше тетка ѝ додека ја затвораше црвената книга и стануваше, за да заедно со Данче се упатат во кујната и да помогонат околу местењето на масата за ручек.   

* * *

    А ова се прашањата во врска со текстот „Како настанале библиотеките“, кои тетка ѝ на Данче подоцна ги запиша на интернет страницата: 
За малите:
 
1. Наброј пет наслови на книги кои ги имаш прочитано. Кога ќе ги набројуваш книгите користи ги прстињата на едната рака. Која форма е корицата на една книга?

2. Ако од библиотеката позајмиш три книги, а потоа прочиташ една книга, уште колку книги од позајмените, ќе ти останат за читање?

3. Ако секој месец читаш по две книги, колку книги ќе прочиташ за три месеци? А колку месеци ќе ти требаат да прочиташ десет книги? 

За големите:

4. Ако позајмиш книга на 20 јануари и библиотекарката ти каже дека треба да ја вратиш за најмногу 15 дена, до кога имаш рок да ја вратиш книгата?

5. Марија зела од библиотеката една книга која има 260 страници. Таа секој ден читала по 15 страници. Дали Марија ќе успее да ја прочита книгата за 15 дена? По колку најмалку страници на ден треба да чита, за да ја прочита книгата во предвидениот рок од 15 дена?  

6. Во одделот со книги за деца во библиотеката во која Александар работи како библиотекар, има повеќе од 600, а помалку од 700 книги. Тој сака да ги смести книгите на полици, така што на секоја полица да има еднаков број на книги. Се обидел да ги смести книгите на 5 полици, потоа на 6 полици и на крајот на 7 полици, но секогаш му останувале 4 книги несместени. Колку книги за деца има во библиотеката?   
    Подолу, ќе ги најдете одговорите на прашањата.















За малите:
1. (Петте книги се набројуваат по сопствен избор.) Корицата на една книга има форма на правоаголник или пак на квадрат, зависи од книгата.
2. Ќе ти останат уште две книги за читање
3. За три месеци ќе прочиташ шест книги. Десет книги ќе прочиташ за пет месеци.

За големите:
4. Книгата треба да ја вратиш до 4 февруари (тоа е последниот ден за враќање на книгата).
5. За 15 дена Марија ќе прочита 15 ​· 15 = 225 страници, а книгата има 260 страници, што значи ако чита по 15 страници на ден нема да може да ја прочита книгата за 15 дена. Бидејќи 260 : 15 = 17 и остаток 5, Марија треба да чита по најмалку 18 стрници на ден за да ја прочита книгата во предвидениот рок. 
6. Треба да најдеме број меѓу 600 и 700, така што кога од него ќе одземеме 4 да добиеме број кој се дели со 5, 6 и 7, односно е содржател на бровите 5, 6 и 7. Најмал заеднички содржател на броевите 5, 6 и 7 е бројот 210, следен содржател е 420, а потоа 630. Бидеќи 630 + 4 = 634 е меѓу 600 и 700, заклучуваме дека во библиотеката има 634 книги за деца. (Ова е единствениот одговор, затоа што следниот содржател на 5, 6 и 7 е 840, па следниот број кој при делење со 5, 6 и 7 дава остаток 4 е 844, што не е број меѓу 600 и 700.)

Извори за приказната за како настанале библиотеките:
[1] 1000 зошто, 1000 затоа, Вук Караџиќ, Белград, 1986.

И.С.

Print Friendly and PDF

Comments

КОМЕНТИРАЈ